Одложена стечајната постапка на Фени PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Вторник, 14 Ноември 2017 07:25   

 

Долг на Фени кон УЈП во висина од 5,5 милиони евра е причината што, бугарската компанија Енекод не дала нова понуда до банките, па побара одложување на претстечајното рочиште во велешкиот суд. Од Енекод побараа и изземање на овој суд, па судијката Валентина Ѓорѓиевска ја прекина постапката и предметот го испрати до врховен. Тој треба да реши каде и кога ќе продолжи постапката. Првиот човек на Енекод, Рајчо Кацаров тврди дека тие не знаеле за овој долг, па им требало време да ја разгледаат новата состојба.


„Има неколку работи кои, реално гледано изгледаат точно пред два дена, ако не се лажам. На пример, има решение од УЈП за даноци, кои не можеме да ги прифатиме ако не сме ги знаеле претходно. А тоа го откривме пред два дена. УЈП бара 5,5 милиони евра“, вели Рајчо Кацаров – претставник на Енекод.


За барањето за изземање на велешкиот суд, Кацаров вели дека го поднеле од економски причини. Тие побарале стечајната постапка да ја води скопски суд, бидејќи било поефтино за претстечајниот управник, кој е од Гостивар. Но, признаваат дека ова е само начин да го одложат процесот, за да добијат повеќе време за преговори со банките доверители. Кацаров вели дека кај банките засега немало расположение за преговори. Од друга страна, во овие барања на Енекод, синдикатот гледа обид да се искомпликува стечајната постапка за Фени. Според Пеце Ристески од синдикатот за индустрија, ова е обид да се обесхрабрат другите заинтересирани компании за купување на Фени.


„Енекод е сопственик во Фени на некој начин и од таа позиција може да прави некои опструкции и тоа денес го направи. Од каде излезе сега УЈП, бидејќи УЈП нема директно учество во работењето на ниту еден комбинат, единствено само ако Фени исплаќал плати без придонеси и даноци. Досега сите информации велат дека Фени исплаќаше редовно плати со придонеси, према тоа не знам од каде се јавува УЈП како голем клучен доверите“, вели Пеце Ристески – претседател на СИЕР.


Ристески најави дека работниците ќе продолжат со протести и блокади да вршат притисок врз инволвираните страни. Фени има долгови од 60 милиони евра, од кои 40 милиони евра кон Комерцијална, Стопанска и Силк Роуд банка. Иако бугарски Енекод ја презеде фабриката од претходниот сопственик Кунико Ресурсис, банките не го признаваат за нов сопственик. Не ја прифатија нивната понуда од три милиони евра и од новиот сопственик бараат стабилен бизнис план. Засега не се знае кога Врховен суд ќе закаже седница на која треба да се реши кој суд ќе биде надлежен да ја води постапката.

 




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov