Градење доверба во несигурни времиња – Сто години на изволте |
Напишано од Unevski on Сабота, 17 Ноември 2018 10:34 |
Довербата се гради на семејното огниште...
Во кое време да го сместиме дејствието на оваа наша приказна??? Во кое сакате, господа!!! Секое време, е несигурно време...
Тие дојдоа, како и сите ние, од некаде, некои од подалеку, некои од поблиску, во некое многу понесигурно време. Патот ги одведе од зад Шара до централна Македонија, години пред 1900та година, во време кога турскиот аскер беше одомаќинет под Љубаш. Сепак, во книгите на патеписците беше прибележувано дека токму овде, на пат кон Солун, имаше соживот и слога помеѓу мештаните. Градеа, имаа планови и желба за токму овде да бидат темелите на нивното семејство, Кесаси. Полека но сигурно, чекор по чекор и ете исчекорија две светски војни, исто толку балкански и уште безброј попатни немири. Кој знае, можеби и ден денес има некоја војна, а нам никој не ни кажал, бидејќи и не не интересира.
А враќајќи се во минатото, тие давеле и жртви за ова парче македонска земја. Во историските прошетки низ кавадаречката костурница ќе го забележиме и името на еден од чичковците на нашиот пријател Фикрет, кој загинува во втората светска војна. И покрај тоа, и во најтешките мигови за семејството, но и за светот во периодот од 1941 до 1945 не престанува да се служи ладна ледена боза. Кесаси нема да ја прифатат можноста да го сменат Кавадарци со ориенталната Турција иако ја имаат отворената покана на член на потесното семејството, само затоа што веруваат дека Кавадарци е нивната животна судбина.
Ова е само уште една причина за продолжение на бизнисот на четвртата генерација на семејството Кесаси, кои се тогаш во најголема сила на кавадаречката чаршија. Го паметат тие градот, но и градот ги памети сите по добро.
Таков беше и моментумот на моето сеќавање. Паметам, паметам одамна кога бевме мала, бројана дружина која ги почитуваше и им ги честиташе семејните и верски празници на семејството Кесаси, за некако природно некогаш скромната со посетители софра, денес, на нивна радост да стане многу побројна. Се сеќавам и на годините во раните деведесети кога за време на Бајрам се наздравуваше со боза со која не честеа нашите домаќини.
Можеби малку знам за различностите, за етникусите, за народностите и обичаите, за нивните верувања и молитви... Но едно знам, тишината не ни е судбина, и затоа продожете со градењето доверба во несигурни времиња, и правето го тоа погласно...
|