Денес е Петровден, а утре Павловден PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Понеделник, 11 Јули 2011 23:10   

 

 

Денес, 12 јуни е Петровден, празник посветен на Светите Апостоли Петар и Павле (Петровден), и празник кој се смета за еден од најголемите празници по Воскресението Христово - Велигден. 

 

Светиот апостол Петар потекнувал од рибарско семејство и еднаш кога ловеле риби на езерото ги видел Исус и ги повикал по што Петар заедно со брат му Андреј го напуштиле рибарскиот занает и му се придружиле. Токму поради тоа Петровден се смета и за празник на рибарите.

 

На иконата светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги. На празникот му претходи Петровденскиот пост чија должина зависи од празникот Велигден. Имено, овој пост, е еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден така и Петровденскиот пост трае различно.

 

Следниот ден 13 јуни е соборниот празник на Дванаесетте големи Апостоли или Павловден. Апостолот Павле не бил меѓу познатите 12 Христови апостоли. Во почетокот бил противник на христовата вера и прогонувач на христијаните за подоцна да стане најсилен пропагатор на ова учење. Поради многуте заслуги светата христова црква го ставила во редот на апостолите. Неговиот празник се празнува заедно со празникот на св. Петар но и посебно, следниот ден на 13 јули.

 

Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера. Ете затоа може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања. Тука се добиени и првите битки во походот на христијанството кон Европа и светот.

 

Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат. Павловден жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи за од пајаци, да не го каснат некого при полските работи, жетва, врзување снопови, и сл. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.

 

 

Трајче Илиев - Телевизија Тиквешија




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov