Банките во потрага по инвеститор за Фени PDF Печати Е-пошта
Напишано од Unevski on Вторник, 21 Ноември 2017 11:01   

 

Tрите најголеми доверители Комерцијална банка, Стопанска банка и Силк роуд, на кои „Фени“ им должи 40 милиони евра, веќе се во преговори со заинтересирани странски инвеститори кои имаат намера да го „санираат“ кавадаречкиот комбинат. Тие бараат од привремениот стечаен управник Мирослав Анастасиевски, од утре да овозможи увид на потенцијалните инвеститори во состојбата на „Фени“.

„Ве информираме дека банките предлагачи на стечајната постапка стапија во преговори со заинтересирани инвеститори кои би се јавиле како санатори со цел да се продолжи работењето на Должникот, по отворање на стечајна постапка. Со цел да не се врши непотребно одолговлекување на активностите, кумулирање на трошоците кои Банките ги авансираат за да се спречи настанувањето на ненадоместлива штета со намалување на вредноста на имотот на Должникот, како и рестартирање на Должникот во најбрз можен рок, ви се обраќаме со цел без одлагање да ги обезбедите сите потребни услови за непречен увид во имотот на Должникот на заинтересираните инвеститори“- стои во барањето на банките до привремениот стечаен управник на Фени.

Посетата на Фени, според банките треба да се случи во периодот од 22 до 29 ноември годинава. Тие го потсетуваат привремениот стечаен управник дека секое непостапување и одлагање на нивното барање, нанесува штета во процесот на изнаоѓање на инвеститори за брзо рестартирање на Фени, што повлекува соодветна одговорност.

 

Инаку Врховниот суд пред неколку денови го одби барањето на бугарската компанија „Енекод“ за изземање на Велешкиот суд од постапката за проценка дали компанијата „Фени“ треба да оди во стечај. Судот оцени дека е неоснован предлогот на Фени индустри за определување на друг месно надлежен суд за водење на стечајната постапка и тој е одбиен како неоснован.

 

На 13 месецов кога беше закажано рочиштето во Велешкиот суд, Бугарите од „Енекод“ги искристија правните лавиринти за одолговлекување на постапката. Тие побараа изземање на овој суд и тогаш не се расправаше за случајот за отворање стечај во кавадаречкиот комбинат.

 

Пред стечајната постапка на фабриката се отвори на барање на трите најголеми доверители Комерцијална банка, Стопанска банка и Силк роуд. Комбинатот на овие три банки им должи 40 милиони евра, а вкупниот долг на фабриката е над 60 милиони евра. Пред стечајната постапка беше отворена на 31 октомври, а за привремен стечаен управник беше назначен Мирослав Анастасиевски од Гостивар.

 

Тој тогаш изјави дека отворање стечајна постапка во овој момент е единствен начин за зачувување на имотот, спречување на настанување на штети и изнаоѓање на најбрзо можно решение за рестартирање и ангажирање на вработените во одржување на технолошкиот минимум.

Банките доверители пак рекоа дека барањето за изземање на судот е сосема неосновано и дека го сметаат за уште еден обид на сопствениците и нивните новоназначени претставници за одолговлекување на постапката за реорганизација и премин на „Фени“ кон нормално функционирање и целосно работно ангажирање на вработените.

 




 
Get Adobe Flash player
Сите права се задржани - Copyright © www.kavadar4e.com - Designed by Mitrov